ПОРАКА НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ФРАЊО – продолжение

4. Секогаш средбата со некој сиромав човек за нас претставува предизвик и нѐ тера да се запрашаме. Како можеме да придонесеме за отстранување или барем за ублажување на нивната маргинализација и нивното страдање? Како можеме да им помогнеме во нивното духовно сиромаштво? Христијанската заедница е повикана да се вклучува во тоа искуство на споделување, во свесноста дека не е законски да биде делегирана на друга. А за да им бидеме поддршка на сиромасите од суштинско значење е во прво лице да го живееме евангелското сиромаштво. Не можеме да се чувствуваме „добро“ сѐ додека еден член од човечкото семејство е запоставен и станува сенка. Тивкиот крик на многу сиромаси треба да го најде подготвен Божјиот народ, секогаш и насекаде, да дозволи да се слушне нивниот глас, да ги заштити и да биде солидарен со нив пред големото лицемерие и многуте неисполнети ветувања, та да ги повика да учествуваат во животот на заедницата.
Вистина е, Црквата нема да понуди сеопфатни решенија, но со Христовата милост, го нуди своето сведоштво и гестови на соработка. Таа, дури, се чувствува обврзана да зборува во име на оние кои го немаат ниту неопходното за живот. Да се потсетуваат сите на големата вредност за општото добро, за христијанскиот народ, претставува, животна обврска, која се изразува во настојувањето да не се заборави ниеден од оние чии основните човечки потреби не се почитуваат.
5. Испружувањето на раката му помага да открие, пред сѐ на оној кој тоа го прави, дека во нас постои способност да вршиме дела кои му даваат смисла на животот. Колку испружени раце се гледаат секој ден? За жал, сѐ почесто се случува брзиот ритам да нѐ вовлекува во еден вртлог на рамнодушноста, до таа мера што повеќе не знаеме да го препознаеме она добро кое секојдневно се врши во тишина и со голема великодушност. Така се случува што дури кога ќе се случи нешто што го пореметува текот на нашиот живот, очите стануваат способни да ја согледат добрината на светците „од соседната врата“, „на оние кои живеат во наша близина и се одраз на Божјето присуство“ (Апост. Егзорт. Гаудате ет егзултате, 7), но за кои никој не зборува. Лошите вести изобилуваат на страниците од весниците, на интернет страниците и на тв екраните, до таа мера што може да се помисли дека злото го има главниот збор. Но не е така. Секако, не недостасуваат злобата и насилството, злоупотребата и корупцијата, но животот е проткаен со дела на почит и на великодушност кои не само го компензираат злото, туку поттикнуваат да се оди понатаму и да се биде полни со надеж.
6. Испружувањето на раката е еден знак: знак кој непосредно укажува на блискост, на солидарност, на љубов. Во овие месеци, во кои целиот свет беше како да е поразен од еден вирус кој донесе болка и смрт, очај и изгубеност, колку испружени раце можевме да видиме! Испружената рака на лекарот кој се грижи за секој пациент обидувајќи се да го најде вистинскиот лек. Испружената рака на медицинската сестра и на медицинскиот брат кои, и после нивното работно време, остануваат да се грижат за болните. Испружената рака на оние кои работат во администрацијата и обезбедуват средства за да спасат што е можно повеќе животи. Испружената рака на фармацевтот повикан да одговори на многу барања и изложен на опасност од контакт со луѓето. Испружената рака на свештеникот кој со скршено срце дели благослов. Испружената рака на волонтерот кој им помага на оние кои живеат на улица и на оние кои, иако имаат кров над главата, немаат што да јадат. Испружената рака на мажи и жени кои работат за да пружаат основни услуги и сигурност. Би можеле да наведеме и други испружени раце дури и да составиме една цела литанија на добри дела. Сите овие раце им пркосеа на заразата и на стравот со цел да пружаат поддршка и утеха.
7. Оваа пандемија дојде изненадно и нѐ затече неподготвени, предизвикувајќи силно чувство на збунетост и на беспомошност. Но, кон сиромасите никогаш не престана да се пружи рака. Пред сѐ, таа пружи сведоштво за како да се биде подготвен да се препознае сиромавиот за да му се пружи помош кога му е потребна. Средствата за милосрдие не се импровизираат. Неохпдно е секојдневно вежбање во тоа поаѓајќи од свеста како ние најпрво имаме потреба од една испружена рака кон нас.
Овој момент што го живееме доведе во криза многу наши сигурности. Се чувствуваме посиромашни и послаби бидејќи го искусивме чувството на сопствената ограниченост и доживеавме дека ни се ограничува слободата. Губењето на работата, неможноста за средба со најмилите, како и недостатокот на вообичаените меѓучовечки односи одеднаш ни ги отворија очите за хоризонтите кои не бевме повеќе навикнати да ги набљудуваме. Нашите духовни и материјални богаства беа доведени во прашање и откривме дека се плашиме. Затворени во тишината на нашите домови откривме колку е важна едноставноста и да го држиме погледот фокусиран во она најбитното. Ја разбравме потребата за ново братство, способно за меѓусебно помагање и за взаемно почитување. Ова е поволно време за „повторно да почувствуваме дека имаме потреба едни од други, дека имаме одговорност кон другите и кон светот […]. Веќе предолго време бевме во морална деградација, ругајќи се со етиката, со добрината, со верата, со искреноста […]. Тоа рушење на секој еден темел од општествениот живот на крајот може да доведе до тоа да се бориме едни против други за да би си ги одбраниле сопствените интереси, предизвикува појавување на нови форми на насилство и суровост и го спречува развојот на една вистинска култура за грижа на животната средина (Енцик. Лаудато си, 29). Всушност, тешките економски, финансиски и политички кризи нема да престанат сѐ додека дозволуваме да остане во мирување одговорноста која секој од нас треба да ја чувствува кон ближниот и кон секоја личност.
8. „Пружај ја раката кон сиромавиот“, всушност е повик на одговорност како директно обврзување на секој еден кој се чувствува дека го снашла истата судбина. Тоа е поттик да ги превземеме врз себе потешкотиите на најслабите, како што потсетува свети Павле: «Со љубов служете си еден на друг. Оти, целиот Закон се извршува во еден збор, односно: Сакај го ближниот како самиот себе. […] Поднесувајте ги потешкотиите еден на друг» (Гал 5,13-14; 6,2). Апостолот нѐ учи дека слободата која ни е подарена преку смртта и воскресението на Исус Христос за секого од нас претставува една одговорност да се ставиме во служба на другите, пред сѐ на најслабите. Не станува збор за незадолжителен поттик, туку за услов за автентичноста на верата која ја исповедаме.
Книгата Мудрост Сирахова повторно ни е од помош: предлага конкретни начини за поддршка на најслабите и употребува исто така неколку сугестивни слики. Најпрво во предвид ја зема слабоста на оние кои се тажни: «Не избегнувајте ги оние кои плачаат» (7,34). Периодот на пандемијата нѐ присили на строга изолација, спречувајќи нѐ дури да не можеме да ги утешуваме ниту да им бидеме близу на пријателите и познаниците ожалостени од загубата на нивните најмили. Светиот автор и уште потврдува: «Не двоуми се да посетиш болен човек» (7,35). Ја искусивме невозможноста да бидеме покрај оние кои страдат, и во исто време станавме свесни за кревкоста на нашето постоење. Накратко, Божјето Слово не нѐ остава никогаш рамнодушни и постојано нѐ поттикнува да правиме добро.
9. „Пружај ја раката кон сиромавиот“, на виделина го изнесува спротивниот став на оние кои ги држаат рацете во џебовите и не дозволуваат да ги трогне сиромаштијата, чии честопати и самите тие се соучесници. Рамнодушноста и цинизмот се нивната секојдневна храна. Каква ли разлика има во однос на дарежливите раце кои ги опишавме! Всушност, има раце кои се пружаат за брзо да ја допрат тастатурата на некој компјутер и да префрлат голема сума на пари од едниот на другиот крај на светот, овозможувајќи им богатење на тесни групи олигарси и доведувајќи во беда на многу луѓе или до пропаст на цели нации. Има раце исприжени да насоберат пари од продавање на оружје кое други раце, дури и оние на децата, ќе го користат да сеат смрт и сиромаштија. Има испружени раце кои скришум разменуваат смртоносни дози за да се збогатат и да живеат во луксус и во минлив морален неред. Има и испружени раце кои под маса разменуваат нелегални услуги за лесно и коруптивно богатење. А има исто така и испружени раце кои во лицемерна добронамерност донесуваат закони кои и самите тие не ги почитуваат.
Во таквите околности «исклучените и понатаму чекаат. За да може да се поддржи еден стил на живот кој ги исклучува другите, или да може да се воодушевува со овој егоистичен идеал, се разви една глобализација на рамнодушноста. Речеси без да приметиме, стануваме неспособни да чувствуваме сожалување пред болниот плач на другите, не плачеме повеќе пред животната драма на другите ниту пак нѐ интересира да се грижиме за нив, како сето тоа да е за нас туѓа одговорност што не ни припаѓа нам» (Ап. Егзорт. Евангелии гаудиум 54). Нема да можеме да бидеме задоволни сѐ додека овие раце кои сеат смрт не бидат претворени во алатки на правдата и на мирот за целиот свет.
10. «Во сите твои работи спомнувај си за твојот крај» (Сир 7,36). Со таа реченица Сирах го заклучува своето размислување. Овој текст има двојно толкување. Првото толкување е дека треба секогаш да сме свесни дека на нашето постоење му доаѓа крајот. Потсетувајќи се на нашата заедничка судбина може да ни биде од помош да го живееме својот живот во знак на грижата за оние кои се посиромашни од нас и кои ги немале истите наши можности. Постои исто така и друго толкување, кое пред сѐ ја истакнува целта, крајната цел кон која тежнее секој еден човек. Целта на нашиот живот е таа која бара да имаме план кој треба да го реализираме и пат кој неуморно ќе го следиме. А целта на сите наши делувања не може да биде ништо друго освен љубовта. Тоа е целта кон која сме упатени и ништо не смее да нѐ одврати од неа. Оваа љубов е споделување, посветеност и служење, но започнува со откритието дека прво ние сме љубени и пробудени за љубов. Оваа цел се појавува во моментот кога бебето се среќава со мајчината насмевка и се чувствува љубено поради самиот факт дека постои. Исто така и една насмевка која ја споделуваме со сиромавиот е извор на љубов и ни овозможува да живееме во радост. Тогаш, испружената рака може секогаш да се збогати со насмевката на оној кој не му тежи сопственото присуство и помошта што ја нуди, туку едноставно се радува на тоа што може да живее како Христов ученик.
На тој пат на секојдневната средба со сиромасите нѐ придружува Божјата Мајка, која повеќе од било која друга таа е и Мајка на сиромсите. Дева Марија, од близу ги познава потешкотиите и страдањата на оние кои се маргинализирани, бидејќи и самата таа се најде во слична ситуација Божјиот Син да го роди во една штала. Заради заканата од Ирод, таа со Јосиф, нејзиниот маж, и малиот Исус побегна во друга земја, а Светото Семејство неколку години ја живеело судбината на мигрантите. Молитвата кон Мајката на сиромасите нека ги соедини овие нејзини возљубени деца со сите оние кои им служаат во името Христово. И Молитвата нека ја претвори испружената рака во прегратка за заедништво и за повторно пронајденото братство.

Рим, при Свети Иван Латерански, 13 јуни 2020, Литургиски Спомен на свети Антонио од Падова.

Фрањо

Categories Новости | Tags: | Posted on November 21, 2020

Social Networks: RSS Facebook Twitter Google del.icio.us Stumble Upon Digg Reddit

Leave a Reply

Sorry, but you must be logged in to post a comment.

close window

Service Times & Directions

Weekend Masses in English

Saturday Morning: 8:00 am

Saturday Vigil: 4:30 pm

Sunday: 7:30 am, 9:00 am, 10:45 am,
12:30 pm, 5:30 pm

Weekend Masses In Español

Saturday Vigil: 6:15pm

Sunday: 9:00am, 7:15pm

Weekday Morning Masses

Monday, Tuesday, Thursday & Friday: 8:30 am

map
6654 Main Street
Wonderland, AK 45202
(513) 555-7856